Црковно-народен собор во Калишта (07.10.2005)
На 3 и 4 октомври во манастирот на Пресвета Богородица во Калишта беше одржан Црковно-народен собор на Македонската Православна Црква. Со соборот претседаваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
СЛОВО НА АРХИЕПИСКОПОТ Г.Г. СТЕФАН
НА ОТВОРАЊЕТО НА РЕДОВНИОТ АРХИЕПИСКОПСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР
Еве, наоѓајќи се во денови на радост за нашата Света Црква, откако во саботата вечерта го извршивме наречението на новиот епископ и со свечената академија го одбележавме големиот јубилеј - 1100 годии од изградбата на Светинаумовиот манастир, и откако вчера го хиротонисавме Неговото Преосвештенство, епископот Полјански г. Пимен, со Божја помош, со закрилата на Мајката Божја и по молитвите на светите Климент и Наум, охридските чудотворци, продолжуваме со одржувањето на заседанието на редовниот Архиепископски црковно-народен собор.
Според Уставот на Македонската Православна Црква (член 45) Архиепископскиот црковно-народен собор се одржува “еднаш годишно на редовни заседанија, а по укажана потреба и на вонредни заседанија.” “Архиепископскиот црковно-народен собор е највисокото црковно-управно и законодавно тело на Македонската Православна Црква за сите административни, материјално-финансиски и законодавни прашања, како и за оние што не влегуваат во надлежност на Светиот Архиерејски Синод” (член 38).
Имајќи ги предвид должностите и обврските, коишто произлегуваат од Уставот, како и тоа што токму нас ни се паднало да бидеме избрани учесници во современото живеење на нашата Света Црква, потребно е да ја сфатиме сериозноста и на времето и на потребите коишто ги имаат и нашите верници, и нашите свештенослужители и монаси, и нашите просветни институции, и, воопшто, нашата Македонска Православна Црква.
Секогаш, па и денес, незаобиколна е темата - мисијата на нашата Света Црква. Можно ли е да биде успешна нејзината мисија без вистинско и правилно административно функционирање; можно ли е плодотворна мисија на Црквата без нејзино соборно функционирање; можно ли е реализирање на нејзината мисија без вистинско единство и, конечно, потребата од заедничка и единствена мисија на Македонската Православна Црква, како за нејзините епархии во Татковината, така и за оние што се во дијаспората. Македонската Православна Ццрква е една и таа мора да има една мисија!
Токму затоа, собрани на овој Собор, како претставници на сите наши епархии и институции, повикани сме да ја потврдиме и соборноста, и единството и заедништвото во Македонската Православна Црква. Да не дозволиме злите желби и планови на непријателите на Македонската Православна Црква и не сè што е македонско - да најдат место меѓу нас и почва за реализирање на нивните планови на просторот на нашата Света Црква.
Како соборјани, повикани сме да ја разбираме потребата на нашата Света Црква, да го разбираме нејзиното живеење, и, употребувајќи ги сите правни и канонски норми, да донесуваме одлуки и правни акти, коишто ќе го збогатуваат и зајакнуваат нејзиното функционирање.
Треба да радува фактот од присуството и бројноста на делегатите дојдени од сите наши епархии и институции. Не е далечен ниту еден пат, без разлика од каде се патува. Најдалечно ќе биде ако, отсуствувајќи, се оддалечуваме од единството и соборноста на Црквата, останувајќи далеку од разрешувањето на актуелните потреби, односно ако бегаме од проблемите или ги одлагаме друг и во друго време да ги решава. Нам, возљубени соборјани, ни е дадена оваа доверба и треба да ги исполниме очекувањата на оние што нè предложиле и избрале да бидеме членови на највисокото црковно-управно и законодавно тело на Македонската Православна Црква.
Затоа предвидовме, на овогодинешниов Црковно-народен собор да продискутираме за состојбите во и околу Македонската Православна Црква, та доколку има некакви проблеми по единството во нашата Света Црква, низ конструктивна дискусија да изнајдеме начини и средства истите да ги надминеме.
Исто така, тема на овој Собор ќе биде и правната регулатива во Македонската Православна Црква, односно донесување на нови правни акти, но и определување на насоки за измени и дополнувања во Уставот на Македонската Православна Црква на наредниот Архиепископски црковно-народен собор, низ процедура пропишана со постоечкиот Устав.
Во оваа смисла, од особена важност за Македонската Православна Црква ќе биде доколку успееме да донесеме заклучоци по однос на еден проект кој ќе треба да воведе нов систем во материјално-финансиското работење во целата Македонска Православна Црква, кој треба да биде ставен и во нова правна рамка.
Ве поздравувам сите присутни и ве повикувам да го молиме Духот Свети да ни дава сили за да одговориме на сложените задачи, коишто нè очекуваат овие два соборски дена.
Ви благодарам на вниманието и молитвено посакувам помош и благослов од Бога за успешна работа на Соборот. Амин!