За постот
|
||
Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец
Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј. Подоцна Игнатиј му беше ученик на Св. Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Како Антиохиски епископ управуваше со Божјата Црква како добар пастир. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници. Овој начин на пеење му се откри на Св. Игнатиј меѓу ангелите на небесата. Кога царот Трајан минуваше низ Антиохија одејќи во војна против Персијанците, дозна за Игнатиј, го повика кај себе и почна да го советува да им принесе жртва на идолите за да биде од него поставен за сенатор. Бидејќи советите и заканите на царот останаа залудни, Свети Игнатиј го оковаа во железо и во придружба на десетмина најнемилосрдни војници го испратија во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите. Игнатиј му се радуваше на страдањето заради Господа и постојано Му се молеше на Бога ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј пристигна во Рим, каде што го фрлија пред лавовите во циркусот. Лавовите го растргнаа и го изедоа, оставија само неколку коски и срцето. Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.
Тропар
Откако стана учесник во животот на апостолите, и наследник на нивните престоли, во практиката на добродетелите, боговдахновени, го најде патот кој води кон богосозерцание. Поради тоа, ширејќи го Словото на вистината, си пострадал дури до крв за верата, свештеномаченику Игнатие. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак
Светлоносниот ден на твоите светли подвизи веќе на сите ни Го навестува Родениот во пештерата, оти, имајќи жед да се наситиш од љубовта Негова, си побрзал да бидеш изеден од ѕверовите; поради тоа се нарече и Богоносец, Игнатие семудри.
Свети Данило, архиепископ Српски
Син на богати и богољубиви родители. Во младоста беше добро воспитан. Кралот Милутин го зеде на својот дворец, но тој од голема љубов кон Бога побегна и се замонаши во Кончулскиот манастир покрај Ибар. Подоцна беше игумен на Хилендар и многу претрпе од латинските крстоносци. Беше епископ Бањски, потоа Хумски и најпосле архиепископ Српски. Беше строг подвижник за време на целиот монашки живот. Имаше особен дар на солзи. Крепко се бореше против Латините и богомилите. Под негов надѕор се изградени манастирите Бања и Дечани. Обнови и изгради многубројни цркви. Се упокои мирно во времето на цар Душан, ноќта меѓу 19 и 20 декември во 1338 година.
Свети праведен Јован Кронштатски
На 19 октомври 1829 година е родено детето Јован, син на Илја Сергиев и неговата сопруга Теодора, во најсеверната област на Архангелск, недалеку од Белото море, во сиромашната населба Сура, оскудната и мрачна околија Пинеги.
Новороденчето изгледало толку слабо, што родителите се исплашиле за неговиот живот. Поради тоа веднаш, ноќта, го повикале свештеникот да го крсти. На детето му дале име Јован, во спомен на свети Јован Рилски. По крштевањето, неговата состојба брзо се поправила. Јован порасна во традиционално руско патријахално семејство. Повеќе од триста години неговите предци служеле како свештеници во поларната населба. Неговата мајка, длабоко побожна жена, својот син трпеливо го опсипуваше со љубов. Неговиот татко со својата мала плата требаше да ги издржува, покрај Јован и неговите две помлади сестри, и големото семејство. Од мали нозе Јован вредно им помагаше на родителите, посебно во полските работи. Во него од мал се развиваше сочувството со туѓото страдање. Тој порасна како сериозно, молчаливо момче. Ништо не го влечеше кон детските игри, а природата му беше многу блиска. Уште поблиски му беа Господ, Црквата и молитвата. Секојдневно влегуваше во домот Господов. Кога тргна на училиште, му се отвори непознат свет. И покрај сета трудољубивост, на Јован му недостигаше способност да сфаќа и памети. Со години не успеваше да го совлада барем читањето. На десетгодишна возраст Јован, при најтешки жртви од неговите родители стапи во единственото основно училиште во епархијата, во Архангелск. Како секое селско дете, тој живееше кај сиромашни луѓе, препуштен самиот на себе. Храната беше недоволна, но тој беше навикнат на гладување. Поради слабиот ум имаше големи маки. Ограниченоста во учењето му беше голем товар. Страдаше заради тоа што неговиот татко напразно го троши и својот последен грош за него. По цели денови залудно се трудеше, но неговиот ум остануваше запечатен. Немаше никој да му помогне. Молчаливото, просјачки сиромашно момче, покрај тоа и најлошиот ученик во училиштето, во тој град не наоѓаше никаква радост.
Во својата неволја Јован сè повеќе прибегнуваше кон молитвата која му беше блиска. „Ноќе со задоволство се молев. Сите спијат, тишина е, никој не ми пречи. Најчесто се молев Господ, за утеха на моите родители, да ми го просветли разумот. И Господ ме послуша. Неговата светлина ме осветли. Еднаш, паметам како денес да се случило, сите во собата беа заспале. Само јас не можев. Сè уште едвај успевав по нешто да разберам од наставата и нешто да запамтам, тешко читајќи ги слоговите. Ме опфати голема жал. Клекнувам покрај својата постела на колена и почнувам најусрдно да се молам. Не знам колку долго траеше тоа. Одеднаш мојата внатрешност се потресе, и ми се стори како некое перде да падна од моите очи и умот да ми го отвори. Учителот, неговото предавање, сè што зборуваше наеднаш, јасно стоеше пред мене. Ведрина и радост ми ја исполнија душата. По таа молитва заспав мирно, како никогаш порано. Утрото скокнав од постелата, ја зедов книгата и о, среќа, можев да читам многу подобро, сè да разберам и дури на друг да пренесам. Од тоа време, мојот напредок во училиштето беше за сите очигледен. На крајот од годината, како еден од најдобрите ученици, бев упатен во Богословија.“
Следните десет години Јован ја посетуваше Богословијата и трудољубиво учеше.
Јован Илич Сергиев во 1855 година ја заврши Академијата како кандидат за богословие. Малку пред тоа, што беше исклучок, тој учествуваше на еден општествен собир и ја запозна Елисавета Константинова, ќерка на свештеникот Несвицки од Кронштат. Со согласност на таткото, тие се венчаа веднаш по неговото завршување на Академијата. Со тоа беше исполнет и предусловот да стане православен парохиски свештеник.
Јован Сергиев за свештеник го ракоположи Владиката Христофор, на 12 декември 1855 година, во Петроград. Потоа, тој премина кај својот дедо во Кронштат, да му помага во соборниот храм на свети Андреј, а подоцна од својот болен дедо ја презема и службата како најмлад свештеник.
Од првиот ден во својата служба тој стапи во близок однос со својата паства. Отец Јован не пропушташе ниту една прилика да помогне. Во сиромашните куќи тој ги посетуваше болните, пропаднатите родители, гладните деца. Тој одеше по продавниците, купуваше храна, доведуваше лекар, набавуваше лекови. Со еден збор, тој се грижеше за несреќните семејства со топла присност и ја раздаваше до последен грош својата скромна плата. Секако, отец Јован не се ограничуваше само на економска помош. Пред сè, тој се трудеше околу духовно паднатите и бараше начин во нивниот живот да внесе светлина. Тој не им судеше, туку ги разбираше луѓето. Внатрешно неутврдениот човек, кого што го снаоѓа неволја, лесно прави компромиси со својата совест, лесно паѓа во порок, се оддава на алкохол да ја заборави својата неволја, достигнувајќи до пијанство.
Отец Јован се грижеше и за децата на сиромашните и тие секогаш радосно го очекуваа. Им зборуваше за Бог, за Синот Божји и за Неговата добрина. Со време, успеа да отвори неделно училиште, основно училиште, дневен дом и читална, дом за сиромаси и работилница за чираци, каде што децата и младите можеа бесплатно да учат. Во 1857 година, со радост прифати да ја води верската настава во градското основно училиште, а веднаш потоа и во новооснованата гимназија. Отец Јован своите часови ги сфаќаше многу сериозно. Тој знаеше дека вероучителот ја носи главната одговорност за природниот развој на ученикот. Тој знаеше дека својата задача ја исполнил само ако ги загрее срцата на младите луѓе за Бог. Децата ги подучува и на молитвата: „Учете да се молите. Принудувајте се себеси на молитва. Во почетокот е тешко. Меѓутоа, колку повеќе ја засилувате, толку повеќе молитвата станува сè полесна. Што е молитвата? Тоа е свртеност на срцето и умот кон Бог. Молитвата е разговор на созданието со Творецот, со целосна стравопочит, а при најболната свест за сопствената слабост и ништожност, при најдлабоко покајание на срцето и цврста одлука да се измениме, со доверување во семоќната Божја помош. Оној што не се моли од сето срце, воопшто не се моли. Срцето мора да го почувствува она што го изговара, мора огнено да копнее по она за што се моли. Внимателната искрена молитва ве соединува со Бог и ве исполнува со неговите дарови: вистина, мир и радост, смирение и љубов.“ Односите се прошируваа и надвор од гимназијата. Многу ученици доброволно, пред часовите ги посетуваа неговите Свети Литургии. Неговите раскажувања за силата на молитвата навлегуваа длабоко во нивните срца и оставаа печат на нивното гледање на животот и светот. Повеќе од триесет години отец Јован предаваше во Кронштатската гимназија, во август 1889 година тој ја напушти таа должност.
Отец Јоваш живееше за својот свештенички повик. Тој ги следеше заповедите Божји, секој ден доброволно вршеше богослужение, држеше веронаука и постојано им помагаше на оние што се во неволја. Но, секако имаше и искушенија. Многумина немаа разбирање за неговото дело па го исмејуваа или осудуваа. Градската управа, дури и другите свештенослужители (неговите собраќа) покажуваа и непријателство кон него. Кога отец Јован одеше да ги посетува сиромашните и болните, тие го обвинуваа дека своеволно ја напушта парохијата и ги занемарува своите редовни должности. Дури се приговараше и на неговиот начин на живот и му се префрлаше што контактира со пропаднати луѓе. Тој со болка се соочуваше со пишаните и усни клевети. Повремено се плашеше за своето дело, за довребата кон неговиот свештенички повик. Но, не си допушташе во себе да почувствува непријателство кон некого.
Уште на почетокот на нивниот заеднички живот отец Јован ѝ рекол на сопругата Елисавета: „Лиса, среќни бракови има доволно и без нас. Прифати заеднички да Му служиме на Бог“. Отец Јован го одобруваше бракот, но за себе прифати слободно одрекување, така што тие живееја како брат и сестра.
„Јас сум свештеник; тоа сè кажува. Не припаѓам на себеси, туку на другите.“ Елисавета самопрегорно му помагаше во исполнувањето на тој повик.
Во 1874 година отец Јован основа друштво „Братството на свети Андреј“ за згрижување и помош на сиромасите. Отец Јован стануваше сѐ попознат во цела Русија и многумина со тешки болести и своите внатрешни кризи му се обраќаа со целосна доверба. За малку години Кронштат стана поклоничко место, каде што дневно доаѓаа на стотици, па и илјадници луѓе од цела Русија.
Тој имаше голем углед во Русија заради многуте чуда, главно лечења и пророштва коишто безбројните сведоци им ги припишувале исклучиво на неговите молитви. Свети Јован Кронштатски очигледно беше поврзан со исихастичката традиција. На прво место, тој лично ја практикуваше Исусовата молитва, а потоа им ја препорачуваше и на другите: „Силна помош во духовната борба ни дава Исусовата молитва, која од почетокот на христијанството ги следи оние што Го бараат Бог. Оној што се моли непрестајно и од срце Му се обраќа на Христос: ‘Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот и подари ми ја Твојата милост која го преобразува битието’. Тој живее во постојано Божјо присуство, пред Него ја отвора својата внатрешност и ја осознава Божјата сесилна помош... Сите мои неволји се појавуваат во мојот невидлив разум и срце. Поради тоа ми е неопходен и еден невидлив Спасител, Кој го познава моето срце. Ако те мачи каква било наметлива фантазија или некое страсно движење (злоба, гнев, завист, омраза, малодушност, самољубие, самоволие или сетилни барања), бргу, во најболно самопознание обрати се кон Христос. Ако те покрива темнина, сомнеж или очај, од сесрце повикај го Неговото Име. Во Него ќе најдеш спознание, доверба и мир. А ако не сакаш да ги поднесуваш постојаните неспокојства од непријателот, секогаш во своето срце повторувај ја Исусовата молитва: ‘Господи Исусе Хрсте, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот’. При мојата искрена молитва Господ секогаш го прогонува искушувачот, кој само преку мојата сопствена изопаченост е силен. Против невидливиот непријател се подига невидливиот Бог, против силниот - Сесилниот. Затоа, секој момент обраќај се кон Христос и постојано мисли на Него; и ќе се спасиш и себеси и другите. Без Неговата благодатна помош ти не можеш да победиш ни една единствена страст, ни еден порок. Повикувај Го постојано. Тој дојде во светот за да нè засили во Светиот Дух, за да нè очисти и ослободи. Не губи надеж и прими го Божјиот збор во срцето: ‘Оној што доаѓа нема да го изгонам надвор’. Моли се без прекин, за душата твоја неочекувано да не падне во искушение. Вежбај се во постојаната молитва на срцето, сè додека таа не почне да работи во него дури и во сон.“
Отец Јован во деведестите години основа четири женски манастири. Царот Николај II стекна особена доверба во него. Архиереите на Црквата му ја признаа благодатната сила на духот. Безброј луѓе ја помагаа неговата општествена дејност, која се протегаше низ цела Русија.
До 75-тата година отец Јован непрекинато ја извршуваше свештеничката служба. Света Литургија служеше речиси секој ден, секого го примаше, посетуваше болни, се грижеше за своите општествени установи, спроведуваше добротворни акции, пишуваше беседи и дневник. Децении спиеше еден до два часа на ден. Најпосле неговите телесни сили ослабнаа и тој се разболе. Наредните три години страдаше од постојани болки и треска. Се упокои мирно на 20 декември 1908 година после Светата Литургија, откако се причести со Светите Тело и Крв Христови.
Отец Јован уште додека беше жив важеше за Божји човек. За ова сведочеше неговиот чист живот и неговата силна молитва, во стотици потврдени исцеленија. По неговата смрт се умножуваа сведоштвата за неговото благодатно дејствување. Врвните пастири на Руската Православна Црква беа согласни дека отец Јован е Божји праведник. Но, неговата канонизација не можеше да се изврши поради богоборниот режим во Русија. Единствено Архиепископот Андреј Ухтомски во деведесетите години кришум составил Акатист за неговото прославување. Сепак, Руската Задгранична Црква во 1964 година ја објави неговата канонизација.
Тропар
На верата православна поборниче, на руската земја страдалниче, правило на пастирите и пример на верните, на покајанието и животот во Христа проповедниче, на Божествените Тајни служителу и за луѓето смел молитвениче, праведен оче Јоване, исцелителу и прекрасен чудотворче, на градот Кронштад пофалбо и на Црквата наша украсу, моли Го Себлагиот Бог да го смири светот и да ги спаси нашите души.