Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 28/01/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Павле Тивејски

Роден од богати родители во Долна Тива (Теба) Мисирска во времето на царот Декиј. Сиот имот на родителите Павле го наследи заедно со неговата сестра. Неговиот зет идолопоклоник посака да го приграби и Павловиот дел од имотот и му се закани на Павле дека ќе го даде на суд како христијанин ако не му го отстапи својот имот. Од една страна оваа неволја, од друга самопожртвуваниот пример на христијанските маченици што ги виде со своите очи, го поттикнаа Павле да го отстапи својот дел од имотот и како ништ да се оддалечи во пустината. Таму се подвизуваше до смртта. До каква духовна височина достигна овој возвишен монах сведочи самиот Свети Антониј Велики, којшто еднаш го посети Павла и ги виде како му служат ѕверовите и птиците небесни. Кога се врати од таа посета Антониј им рече на своите монаси: „Тешко мене, деца мои, кој сум грешен и лажен монах, монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината и навистина го видов Павле - во Рајот!“ Св. Павле живееше сто и тринаесет години и мирно се упокои во Господ во 342 година.

Тропар
Подигни ги горништата свои, о Тиваидо, и прослави го Илија во пламенот, Јован во пустината и Павле во рајот – сите во слугата Христов Павле великиот, кој како прв никулец, пустината ја скроти, и Царството Небесно го наследи, а за нас сега се моли, пред престолот на Оној Кој него го осинови.

Преподобен Јован Кушчник (Колибар)

Роден е во Цариград во времето на царот Лав I од богати и угледни родители. Им беше единец на своите родители. Поттикнат од наклоноста кон духовниот живот младиот Јован тајно побегна со еден монах во некој манастир во Мала Азија. Во тој манастир тој помина шест години во преголемо воздржание, молитва и послушност кон игуменот. Тогаш на него навали ѓаволот со искушение дека треба да го остави манастирот и да им се врати на своите родители и кај нив да живее како благородник. Тој навистина се врати во домот на родителите но облечен како просјак, ги виде своите родители само не сакаше да им се јави како син, туку како просјак се насели во нивниот двор, живеејќи речиси од трошките што му ги дофрлаа слугите и трпејќи многу потсмевања од сите и од секого. Така поживеа три години молејќи Го Бога да ги спаси душите на татко му и мајка му. Кога се разболе и ја почувствува близината на смртта, им се јави на родителите, кои го препознаа по едно скапоцено Евангелие што му го подарија во детството и коешто тој го чуваше кај себе како единствен свој имот. И така овој млад човек, иако многу богат, си ја спаси душата, ги спаси душите на своите родители, го победи ѓаволот и се упокои во Господ околу 450 година.

Тропар
О Јоване, Јоване, љубов која раѓа трпение, Христов ученик, за демонот врв недопирлив, молитвата твоја карпи растопува и Бога Го умилостивува. Затоа и нас не нe заборавај сега, ти кој пребиваш во небесната широчина, насладувајќи се од непропадливата мана.

Преподобен Гаврил Лесновски

Се родил во местото Осечко Поле кај Крива Паланка. Неговите родители долго време немале деца, но по нивните молитви милостивиот Бог ги дарувал со машко чедо. Детето добило соодветно образование и не се одвојувало од Светото Писмо. Кога дошло време да се ожени, родителите му нашле девојка од царски род, но таа набргу починала. Тогаш Гаврил ги замолил своите родители да се оддалечи од домот и да се замонаши. Тој добил благослов и заминал. Ноќе, на сон му се јавил ангел, кој му рекол да оди во своето родно место и да изгради црква посветена на Рождество на Пресвета Богородица, на местото што тој ќе му го покаже. Откако се разбудил, Гаврил се вратил назад и им раскажал на своите родители за сонот, а тие му дале пари и тој ја изградил црквата. Преподобниот заминал за Лесновскиот манастир и таму бил замонашен. Постојаните посети од луѓето го натерале светителот повторно да замине оттаму, па се преселил во местото Луково, во една мала шума. По некое време, свети Гаврил заминал уште подлабоко во дивината, на местото Облов Врв, каде што поживеал уште триесет години. Таму го завршил својот свет живот и се претставил пред Господ. Неговите мошти на чудесен начин биле пронајдени на Облов Врв и биле погребани во Лесновскиот манастир. Забележани се многу исцеленија на овој гроб. Неговите мошти денес се наоѓаат во Трново, во храмот посветен на Светите Апостоли.

Тропар
Откако Го возљуби Христа ревносно повеќе од с?, и се украси со убавина, смирение и трпение, целиот свој живот на земјата Му го предложи Нему. Затоа ги наследи небесните обители и се удостои за делот на праведните. Со нив, пак, моли се, да се спасат душите наши.

Кондак
На земјата си поживеал ангелски, и со животот си го објаснил Евангелието; умот твој си го свртел кон небесата, а луѓето си ги учел на благочестие. Поради тоа те славиме: Радувај се, преподобен Гавриле, Лесновска похвало.

Светиот маченик Пансофиј

Син на александриски проконзул. Ги напушти чинот и богатството и како млад се замонаши. Се подвизуваше тврдо дваесет и седум години и го воздигаше својот дух кон вишниот свет. Во времето на Декиј беше довлечкан на суд и биен за името Христово, с ѐ дури во големи маки не ја предаде својата душа на Бога.

Преподобен Прохор Пчински

Бидејќи се молеше за тоа, Бог му го покажа местото на неговиот подвиг. Тоа место беше на брегот на реката Пчиња. Свети Прохор се подвизуваше таму до старост и до својата смрт. Само Едниот Бог знае за сите негови подвизи и искушенија што ги претрпе во текот на овој живот. Но според неговите мироточиви мошти и безбројните чудесни исцеленија, коишто и денес не престанаа, може да се суди за големината на Божествената благодат што му ја подари Бог за неговите големи страдања. Свети Прохор се упокои и се пресели во Царството Небесно во 9 век.

Тропар
Достоен стана о, ти, преподобен оче Прохоре, Христов ученик да се наречеш, затоа што светот и неговата прелага ги остави, и душата своја за Бога ја оневести. А Он Младенецот со милост те закити, и со чудотворство те надари, за вавек да измолуваш спасение, за оние кои го повикуваат твоето свето име, Христа Го прославуваат припаѓајќи при твоите свети мошти.