За постот
|
||
Светиот свештеномаченик Никон
Роден е во Неапол од татко незнабожец и мајка христијанка. Беше римски офицер во Неапол. Не беше крстен, иако мајка му тајно од таткото го поучуваше на Христовата вера. Еднаш кога тргна со својата чета во бој, мајка му го посоветува ако западне во неволја да се прекрсти и да Го повика Христа на помош. И навистина, кога во битката Никоновата чета беше опколена и сосем близу до конечна погибел, Никон се прекрсти и во срцето повика кон Господ Исус. Во тој миг се исполни со необична сила, јурна на своите непријатели и едните ги уби, а другите ги натера во бегство. Враќајќи се дома непрестајно во чудо возвикнуваше: „Голем е христијанскиот Бог!“ Откако ја израдува мајка си со веста за победата со помош на крстот Христов, тајно отплови во Азија и таму епископот кизички Теодосиј го крсти. По Крштението се затвори во еден манастир, каде што се предаде на учење и подвиг. Но пред смртта епископот Теодосиј имаше видение во кое му беше заповедано за свој наследник да го ракоположи Никон. Старецот Теодосиј веднаш го повика Никон и го ракоположи за ѓакон, потоа за презвитер и накрајот за епископ. По Божја Промисла Никон наскоро дојде во Неапол, каде што ја затекна мајка си с ? уште жива. По нејзината смрт заедно со деветмина ученици, свои некогашни војнички другари, замина за Сицилија и таму го проповедаше Евангелието. А во тоа време имаше страшно гонење на христијаните. Кнезот Квинтијан го фати Никон со другарите и ги удри на големи маки. Сто и деведесет негови другари и ученици беа убиени. А мачителот го врзуваше Никон за опашките на коњите, го фрлаше во бездна од високи карпи, го тепаше, го стружеше, но Никон ги преживеа сите тие маки. Најпосле го убија со меч и се пресели со душата кај Господ. Неговото тело го оставија во полето за да го изедат птиците. Но едно демонизирано овчарче се сопна и падна врз мртвото тело на Христовиот маченик и веднаш се исцели. Разгласи за телото на Свети Никон, па дојдоа христијаните и го погребаа. Пострада за Христа во времето на царот Декиј.
Тропар
Никоне свети мачениче, трпелив во трудовите, велик во љубовта, ненаситен во подвигот, учител на смиреномудрието, преку тебе, свет подвижниче, сто деведесет и девет ѕвезди небото доби. По твоите свети молитви за нас од Христа измоли простување на гревовите и вечно живеалиште.
Преподобен Никон Печерски
Другар на Свети Антониј Печерски и духовен отец на Преподобниот Теодосиј. Затоа што ги потстрижа во монаштво бојаринот Варлам и евнухот Ефрем беше загрозен од кнезот Изјаслав, но кнегињата го обрати гневот на овој кнез во страв Божји и тој го остави Свети Никон во мир. Еднаш сакајќи да го украси храмот со икони Никон Му се молеше на Бога за помош. И заради неговите молитви ненадејно дојдоа во Киев од Цариград едни Грци иконописци на коишто во видение им се јавиле Светите Антониј и Теодосиј и ги упатиле кај Никон во Киев. Прочуен е по неговите смели подвизи и по духовната мудрост. Во староста наспроти неговата волја го избраа за печерски игумен. Се престави кај Господ во 1066 година. Неговите нетлени мошти се чуваат во киевските пештери.
Светиот преподобномаченик Лука
Светогорски монах, кој пострада маченички на островот Митилина, бидејќи не сакаше да се одрече од верата христијанска. Затоа, од Турскиот судија му беше изречена осуда на смрт со бесење, која беше извршена во недела, на 23 март 1802 година. Неговото свето тело висеше три дена и три ноќи, а потоа Турците го симнаа и, со камен врзан на вратот, го фрлија во морската длабочина. Откако морето го исфрли неговото тело на брегот, христијаните го зедоа и чесно го погребаа. За сето тоа беше известен и придружникот на маченикот, Висарион, кој многу се израдува на тоа, а радосната вест им ја однесе на отците на Света Гора. А од моштите на светиот новомаченик Христов Лука се случија неколку чудесни исцелувања за слава на нашиот Бог. Амин!
Тропар
Чудесни се твоите патишта, Господи, светлината на денот не заоѓа додека Пастирот не ја побара овцата своја, затоа свети Лука маченикот покајно патешествие помина, со кое гарежот на страстите и душата ја очисти, со благодатт и застапништвото на Пресветата. Затоа денес ние го чествуваме и на неговите молитви се надеваме пред Престолот Божји.
Светите маченици Филит и Лидија
Овие свети маченици пострадаа во 125 година, во времето на царот Адријан. Сите тие беа христијани по призив и секојдневно му служеа на вистинскиот Бог. Свети Филит беше царски сенатор. Тој, неговата жена Лидија и двете нивни деца, Теопрепиј и Македон, беа како христијани изведени пред царот Адријан. Но бидејќи царот не можеше да се спротивстави на мудроста на свети Филит, ги испрати во Славонија кај војводата Амфилохиј. Тој веднаш нареди да ги обесат на дрво и телата да им ги стружат со дрвени ножеви. Тогаш во Христос поверува Кронид, командирот на затворската стража, кој заедно со светите маченици беше фрлен во темница. Таа ноќ, кога светите маченици се молеа и пееја свештени песни, им се јавија небесни ангели, ги утешија и ги закрепнаа за подвиг на мачеништво.
Утредента, светите маченици беа повторно изведени пред Амфилохиј, и тој им рече: „За вас се подготвени многу маки и казни!“ И нареди да ги фрлат во казан, во кој вриеше масло помешано со сулфур, и – о, чудо! – казанот истиот миг се излади. Поразен од таквото чудо, војводата Амфилохиј поверува во Христос и откако кажа: „Господи Исусе Христе, помогни ми!“ – и самиот влезе во казанот; и до него дојде божествен глас, кој му кажа: „Твојата молитва е услишена; ајде кај мене!“ Кога за тоа дозна царот Адријан, сиот одишувајќи во гнев и закани, дојде од Рим во Славонија. И нареди казанот полн со масло да се загрева седум дена, па во него да се фрлат сите шест маченици. Но кога светите маченици ги фрлија во казанот, со благодат Божја тие останаа цели и неповредени. Посрамен од ова чудо, царот Адријан се врати во Рим, а светите маченици, молејќи се и благодарејќи му на Бога, Му ги предадоа своите души и примија од Него маченички венци.
Тропар
Залудно лагата мрежи протегаше над вас, свети маченици Филите и Лидијо, кои заедно со децата ваши Бога Вистинскиот Го славевте, и од Него мудрост добивте за посрамување на зловерието. Минливоста не се допре до телата ваши, и вие молитвено кон Христа восходивте, молејќи се и за сите оние кои славејќи Го Бога Троичниот, ќе се сетат на вашите свети, о маченици, имиња.