Светите маченици Аникита и Фотиј
Царот Диоклецијан еднаш го посети градот Никомидија со зла умисла да ги истреби наполно христијаните. Па кога почна бездушно да ги истизава и мачи, пред него застана Свети Аникита, којшто беше еден од градоначалниците, и смело ја исповеда пред царот својата вера во Господ Исус Христос, Бог воплотен во тело заради нашето спасение. При ова Аникита уште и ги разобличи идолите како глуви и неми камења на коишто еден разумен човек е недостојно да им се поклонува. Разјарен царот нареди и му го отсекоа јазикот. Но со силата Божја Аникита и натаму говореше. Тогаш на него пуштија лав, ама лавот се умилкуваше околу него. Во тој миг падна храмот на Херкул. Фотиј, роднина на Аникита, го виде овој случај и трпењето на Аникита, па го бакна Аникита, се објави себеси за христијанин и му возвикна на царот: „О идолопоклонику, засрами се, твоите богови се ништожници!“ Царот нареди веднаш да го убијат со меч. Но кога крена рака на Свети Фотиј, џелатот со мечот се удри самиот себеси и умре. По долги маки и двајцата ги фрлија во затвор и лежеа таму три години. Тогаш ги изведоа, усвитија огромна печка и ги фрлија во оган. Мнозина христијани, мажи, жени и деца, своеволно влегоа со нив во огнот. И од огнот се слушна молитвата на христијаните со којашто Му благодареа на Бога за маченичката смрт. Сите пострадаа околу 305 година. Светите Никита и Фотиј се повикуваат во молитвите на Маслосвет и Водосвет.
Тропар
Радувајте се, свети маченици, верата ваша со благодат ве зали, Аникито и Фотие, вие кои познавте дека нашите страсти се демони глуви и неосетливи, поробувачи човечки, кои Љубовта ја попречуваат да стигне до човечките души, молете се да се разбудиме од сонот телесен и да го предвкусиме животот небесен.
Светиот свештеномаченик Александар, епископ Комански
Живееше како прост ќумурџија во близина на градот Коман, близу Неокесарија. Кога умре команскиот епископ, го повикаа Св. Григориј Неокесариски Чудотворец (17 ноември) да претседава со соборот за избор на нов епископ. Во соборот имаше и клирици и мирјани. И избирачите никако не можеа да се согласат за иста личност. При оцената на кандидатите сите главно се задржуваа на нивната надворешност, на надворешното достоинство во однесувањето. Тогаш Свети Григориј рече дека не би требало толку да се гледа на надворешните одлики колку на духот и духовните способности. Тогаш некои шегобијци потсмевајќи се довикнаа: „Тогаш да го избереме за епископ Александар ќумурџијата!“ И настана општа смеа. Свети Григориј запраша кој е тој Александар. Па мислејќи дека неговото име не е спомнато на соборот без Божја Промисла, нареди и го доведоа. Ќумурџија како ќумурџија, си беше сиот црн и искинат. Неговата појава повторно предизвика смеа во соборот. Тогаш Григориј го викна настрана и го заколна да му ја каже вистината за себе. И Александар му откри дека бил грчки философ, дека уживал висока чест и положба, но дека откако го прочитал и го разбрал Светото Писмо с ? отфрлил, се понизил и се направил јуродив заради Христа. Григориј нареди и го измија и облекоа во нова облека, па влезе со него во соборот и пред сите почна да го испрашува од Светото Писмо. Сите се восхитија на благодатта од зборовите и мудроста на Александар и одвај можеа да го препознаат во тој мудрец молчаливиот ќумурџија што го познаваа. Беше избран за епископ едногласно. Со својата светост, мудрост и добродетел ја придоби љубовта на своето стадо. Заврши маченички во времето на Диоклецијан.
Тропар
Со прекрасна добродетел ја закити душата твоја, о Александре, која поради Христа осиромаши. Смирението те доведе до Срцезналецот, Кој погледна на тебе, о епископе, достојнославен мачениче. Венци мноштво од небесата примајќи, моли се за нас светителе, во пределите рајски да пристигнеме.