За постот
|
||
Спомен на чудата на Св. Архангел Михаил
Во Фригија имаше едно место наречено Хони („нурнување“) недалеку од Ерапол; и на тоа место извор со чудотворна вода. Кога Светиот апостол Јован Богослов со Филип го проповедаше Евангелието во Ерапол, тој погледна на она место и прорече дека таму ќе се отвори извор на чудотворна вода од која многумина ќе добијат исцеление и дека тоа место ќе го посети великиот Божји Архистратиг Михаил. Наскоро потоа ова пророштво се исполни, се отвори извор којшто заради својата чудесна сила се прочу на сите страни. Еден незнабожец во Лаодикија имаше нема ќерка и заради ова беше во голема тага. Но во сон му се јави Архангелот Михаил и го упати да ја води својата нема ќерка на изворот, каде што ќе оздрави. Таткото веднаш послуша, ја одведе ќерката и кај водата затекна многуброен народ, којшто на изворот си бараше спасение од разни маки. Тие сите беа христијани. Тогаш човекот ги праша како треба да бара исцеление, а христијаните му рекоа: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух треба да го молиш Светиот Архангел Михаил.“ Оној човек така и се помоли и ја напои ќерка си од водата, а потоа девојката почна да зборува. Тогаш тој човек незнабожец се крсти заедно со сиот свој дом, а крај изворот му изгради црква на Светиот Архангел Михаил. Подоцна на тоа место се насели едно момченце по име Архип и таму се подвизуваше во тврд подвиг на пост и молитва. Незнабожците многу му пакостеа, зашто не им беше по волја тоа што од хриситјанската светост исходи толкава сила и привлекува многуброен народ. Па во својата злоба тие ја навртеа блиската река за да ги потопи црквата и изворот. Но откако Архип му се помоли, повторно се јави Светиот Архангел и во карпата покрај црквата отвори расцеп којшто ја прими сета навртена река. Така она место се спаси и се нарече Хони („нурнување“) зашто реката се нурна во отворената бездна. Свети Архип се подвизуваше тука седумдесет години и се упокои мирно во Господа.
Тропар
Сину на послушноста, вонмен од твојата уста секогаш ќе одекнува, о сило побрза од молњата, тебе кој најмногу пристапуваш кон чистотата, катаден ти вознесуваме молитва, за застапништво твое пред Бога. Благодарност прими – за ангел доделен на секоја човечка душа, за сопатник низ митарствата, за безбројни дела на ревноста твоја, о ти гласу на Божјата слава.
Светиот маченик Ромил и единаесет илјади војници
Кога царот Трајан војуваше на Исток, еднаш нареди да се пребројат христијаните во неговата војска. И се најде дека во војската на царот има единаесет илјади христијани. Тогаш царот нареди сите да ги отпуштат од војската и да ги пратат во Ерменија. Свети Ромил беше началник на царевиот дом. Излезе пред царот и го укори за оваа постапка, објавувајќи се и себеси како христијанин. Царот заповеда и на Ромил му ја отсекоа главата. А од оние прогонети единаесет илјади војници десет илјади беа распнати на крст, а останатите убиени со други маки.
Тропар
Благочестив војнику на Небесниот Цар, Ромиле свети, кој од земните почести се откажа, итајќи кон војската небесна. Не издржа правдољубивото срце твое да ја скриеш вистината, и излезе да Го проповедаш Христа, станувајќи предводник на единаесет илјади христијани. Затоа сега, свет мачениче, благодатно нека молитвата твоја н? води кон спасение пред Господа.
Свети Евдоксиј
Војвода во римската војска. Пострада за Христа во времето на царот Диоклецијан. Судени и мачени од милетинксиот началник во Ерменија, со него пострадаа и неговите пријатели Зинон и Макариј и уште илјада сто и четворица војници, коишто Евдоксиј ги беше обратил во христијанство. По смртта ? се јави на својата жена. И неговата жена Василиса ја одржа верата во Христа до смртта и се упокои мирно.
Тропар
Војводо на земната војска, кого Господ го направи предводник кон спасение на многумина, Евдоксие свет, заедно со Зинон и Макариј, облагодатени од Христа, ја победивте лагата идолопоклоничка и вашето братољубие одекна на небесата и земјата, славејќи Го Бога Еден во Троица, на Кого чест и поклонение вознесуваме во вечни векови.
Преподобен Давид
Беше разбојнички водач околу Хермопол во Мисир и дури на постари години си дојде на себеси, се покаја и се замонаши. Нему му се јави Светиот Архангел Гавриил, којшто му даде сила на чудотворство. Се упокои мирно во 6 век, откако со голем подвиг се удостои со Царството Божјо.
Тропар
Покајанието твое, преподобен оче наш, во славословие по Бога се претвори, и Тој чудотворец Негов те направи за корист духовна на многумина и слава на Еден Бог во Пресвета Троица.