Светата маченичка Параскева (Петка)
Родена е во градот Иконија од родители богати и христољубиви. По смртта на своите родители како девојка почна да им го раздава својот имот на бедните и на неволните, во името на Господ Исус Христос. Кога настана гонењето во времето на царот Диоклецијан, Параскева беше изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја праша за името, таа рече дека името ? е христијанка. Кнезот ја укори зошто не си го кажува своето обично име. А Параскева му рече: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“. Откако ја биеја кнезот ја фрли во затвор, каде што ? се јави ангел Господов, ја исцели од раните и ја утеши. Со молитва ги урна сите идоли во незнабожечкиот храм. После долги и лути маки ја убија со меч.
Тропар
Премудрата и сефална Христова маченичка Параскева, мажествена храброст примајќи, женската немоќ ја отфрли, демонот го победи и мачителот го посрами, повикувајќи и глаголајќи: дојдете, телото мое со меч исечете го, јас пак радувајќи се, одам кон Христос, мојот Женик. По нејзините молитви, Христе Боже, спаси ги нашите души!
Светиот маченик Теренциј
Од Сирија. Пострада за Христовата вера заедно со жена му. Тогаш пострадаа и нивните седум деца. По многу маки, при коишто се јави силата Божја, сите беа убиени со меч.
Свети Стефан Саваит
Писател на многубројни прекрасни канони. Се подвизуваше во обителта на Свети Сава Осветен. Подоцна беше епископ. Мирно се упокои во 807 година.
Тропар
Ти кој со ангелите претстоиш пред славата Господова, Стефане, оче благодатен, кого милоста Христова во бестрастие го приведе, пријател станувајќи со Создателот на сите, моли се за нас, свет епископе, мир во Господа за душите наши да најдеме.
Свети Атанасиј, патријарх Цариградски
Противник на унијата со Рим, наспроти неговиот претходник Јован Векка (1275 г. – 1282 г.). Од детството беше аскет и молитвеник. Беше омилен кај народот, а заради својата морална строгост го предизивика негодувањето на некои свештеници. Се повлече во неговиот манастир на гората Ган, каде што се подвизуваше уште построго од порано. Му се јави Самиот Господ Исус Христос и благо го укори зашто им го остави стадото на волците. Кога го прорече денот на земјотресот во Цариград, царот Андроник повторно го врати на патријаршискиот престол и против неговата волја. Но потоа тој повторно тајно се оддалечи на подвиг. Се упокои во стотата година од животот. Беше чудотворец и проѕорливец.
Тропар
Подвижнику Христов, кој јаремот на Спасителот го понесе, пастир постанувајќи на овците словесни. Испосниче благодатен на кого Господ се јави, подавајќи жезол за приведување на многумина кон спасение, моли се, оче свет, на кого Господ маловерието не му го зеде за грев, за оние кои на твоите молитви надевајќи се, го прославуваат споменот твој чесен.
Свети Димитриј, епископ Ростовски
Голем јерарх, проповедник, писател и подвижник. Се роди близу Киев во 1651 година, а се упокои на молитва во 1709 година. Покрај многуте славни поучни дела особено се прочу со преводот и изданието на Житијата на Светиите. Ја предвиде својата смрт три дена порано и се упокои на молитва. Големо светило на Руската Црква, т.е. на Православната Црква воопшто. Имаше небесни виденија за време на животот. Му послужи ревносно на Господ и се пресели во Небесното Царство.
Тропар
Сопатниче на ангелите, кои списоци за дела човечки исполнуваат, неуморен Божји молитвениче, Димитрие, пастиру слаткоречив, моли се на Бога за нас, епископе свети, Кој благодатно те обдари небесни тајни на светии живи да објавиш на земни наследници, кои кон вечност итаат на Господа Бога да се поклонат.
Преподобен Арсениј Кападокиски
Преподобен Арсениј се родил околу 1840 година во Фараса, Кападокија, денешна источна Турција. Рано останал без родители, а за него и за неговите браќа се грижела тетка му. Кога пораснал, Теодор отпатувал за Смирна. Таму, освен грчкиот јазик, ги научил и ерменскиот, турскиот, а делумно и францускиот. После завршувањето на школувањето во Смирна, на 26 години, стапил во општожителниот Флавијански манастир на Свети Јован Предвесник во Цинџи-Дери. Таму бил потстрижен во монах со име Арсениј. До својата триесетта година отец Арсениј учителствувал како ѓакон. Потоа, во Кесарија бил ракоположен во свештеномонах, возведен во чин архимандрит и добил благослов да биде духовник. Имал голема љубов кон Бог и кон сите луѓе. Многу се радувал кога неправедно го обвинувале. Тоа многу му помагало и често, за да ги избегне човечките пофалби, намерно се правел намќор. Но и покрај тоа, не само христијаните, туку и Турците го сметале за свет. Многу години пред преселувањата, Бог му соопштил дека луѓето од Фараса ќе се иселат во Грција, па затоа тој често им повторувал да штедат. Преселбата почнала на 14 август 1924 година. Тогаш отецот морал да се врати шеесет километри назад, пешки, на свои 83 години, за од престолот во храмот посветен на преподобните маченици да ги земе моштите од свети Јован Златоуст. После пристигнувањето на островот Крф тешко се разболел. Се упокоил на 10/23 ноември 1924 година, со моштите на свети Јован Златоуст, стегнати во десната рака, положена над градите. Го закопале на островските гробишта.