Уводник свети Ефрем Сирин: Црквата не е собор на светители, таа е мноштво грешници коишто се каат, и, иако грешници, се свртеле кон Бога и се насочиле кон Него. Смислата на смртта и целта на животот Бог е љубов. Оној кој има љубов, не се плаши од смртта... За човек кој својот живот го ставил во рацете на Христа, речиси не постои разлика помеѓу Животот и Смртта. Светиот Павле рекол: И живи и мртви, Христови... Тогаш каде е проблемот? Проблемот е во тоа што ние луѓето сме си изградиле една цивилизација од којашто сме Го протерале Бог, и сме прогласиле царство на Човекот. Во ова царство царува Човекот, кој иако смртен, претендира на бесмртност, иако слаб, си набива комплекс на семоќност, иако направен од кал (земја), се прави дека е од злато (иако, за волја на вистината, има во неговиот состав и елементи на метал). Сите ја знаеме приказната за Вавилон, и овде не ни е целта да се потсетиме ниту на кулата, ниту на Лот, ниту на што и да е, (со примеси на антички трагизам) од Стариот завет меѓу Бог и Човекот. Прашањето за смртта, коешто деновиве на колективно ниво ја затресе Македонија, има егзистенцијална позадина и ни ја отвора вратата на соочувањето со себе самите. Како што велат старите - додека ме има мене, ја нема смртта, а кога ќе ме нема мене - што? Ние можеме само интуитивно да речеме дека - ништо, пак ќе ја нема смртта, бидејќи тоа е само миг, точка на премин помеѓу овде и таму, овој и оној свет, но, сепак, ако ги тргнеме настрана нашите лаички претпоставки за одредена есхатологија, базирани на некаква наша вера во одредена шема за постоењето, повторно останува прашањето - дали сме ние подготвени за смрт, и тоа на начин како што вели апостолот - смртта доаѓа како крадец, а некои ја идентификуваат со Бог. И тука се соочуваме со парадокс, бидејќи Бог е Живот, Источник на живот и нема ништо заедничко со смртта. Тоа го велат Светите коишто гореле од љубов кон Источникот и со нетрпение го чекале мигот на судниот час. И пак, апостолот вели: во љубовта нема страв, љубовта изгонува секаков страв од срцето. И зошто смртта ни втерува страв во коски? Апостолот вели: Внимавајте, бидете будни! Со почит кон сите атеисти или нихилисти или обични хедонисти на овој свет, сепак, овој живот иако ни е даден како подарок, неговата смисла подразбира остварување на одредена цел . Ова е варијабилно од цивилизација до цивилизација, но за христијанството, несомнено дека целта е една: човекот да се обожи, да стане бог по благодат, Христос. Христос значи Богочовек. Во него повторно се воспоставува целината на природата (човекот се ис-целува), суштински разбиена од падот, адамовата авантурата со гревот и напуштањето на Рајот. Како што вели светиот старец Силуан: „Смислата на христијанскиот живот е стекнувањето на Светиот Дух. Ниту едно добро дело не ни ги носи плодовите на Светиот Дух, ако не е направено од љубов кон Христа, ...како што е речено: „Бог не Го дава Духот по мера. Отецот го сака Синот и ставил сè во рацете Негови.“ Да, пријателу Божји, стекнувањето на овој Дух Божји е всушност целта на христијанскиот живот. Создателот ни ги дава средствата, но остварувањето му е препуштено на човекот.“ уредникот
|
|||