33-годишнина од хиротонијата на Рускиот Патријарх во епископски чин
 
 
 
 
 

33-годишнина од хиротонијата на Рускиот Патријарх во епископски чин (16.03.2009)

На 14 март се навршија 33 години од возведувањето во епископски чин на Патријархот Московски и на цела Русија Кирил од неговиот духовен отец Митрополитот Никодим.

За спомен на овој настан Патријархот Кирил отслужи Божествена Литургија во московскиот храм на Животодавната Троица, после кое го повика духовништвото самопожртвувано да Му служи на Бог и на луѓето, не грижејќи се заради можните последици по здравјето и кариерата.

„Никогаш нема да се жалам себеси служејќи Му на Господ... Никогаш не треба да говориме: јас нема да го правам ова или она за да го сочувам своето здравје, затоа што токму тогаш ќе го загубиш“, рече Патријархот Кирил во својата проповед.

Поглаварот напомна дека Господ никогаш не ни останува должен, и колку повеќе ние се даваме на Господ, толку повеќе Он ни дава на нас.

„Најважно е да се сеќаваме дека секого од нас во животот не го водат нашите човечки вештини, не нашата човечка дипломатија, туку Бог. Пред Него сите треба да сме отворени, мажествени во своето служење“, нагласи Патријархот.

Патријархот исто така смета дека на свештениците кои имаат пониски свештенички чинови не треба да размислуваат за тоа што да преземаат за да си обезбедат напредување во службата.

„Лош е оној војник што мисли дека ќе стане генерал и дека тогаш ќе го покаже својот талант. Не бива така“, изјави Патријархот, напомнувајќи дека талантот на служењето на Црквата се открива на секој степен од таквото служење – од клисар до патријарх, и во секој мемомент од животот треба да служиш онака како да правиш нешто најважно во својот живот.

Зборувајќи за ова Поглаварот додаде дека многу пати бил прекоруван заради преголемата смелост, но тој претпочита чесност и отвореност, а тоа не му попречи да стане Патријарх.

Патријархот Кирил на крајот од беседата се обрати кон духовништвото и верниците барајќи од нив молитвено да го поддржат во неговото патријаршиско служење.

Епископот Марк му ја честита годишнината на Поглаварот подарувајќи му корпа со 33 бели рози, според годините на неговото епископско служење.

На Литургијата присуствуваа повеќе од 2.000 луѓе. Многумина од нив не можеа да се сместат во малечкиот храм, заради што за време на Причестувањето свештениците стоеја со светиот Путир дури кај влезната врата на храмот. Службата беше пренесувана преку видео бимови.

 

                                        

 

                                         

 

Извор: Интерфакс, Патриархиа.ру