Vesti i nastani
 
 
 
 
 

15 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација (02.02.2009)

Во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, со свечен прием беше  одбележана 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

Руската Федерација е една од светските сили, која меѓу првите ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име.

Руската Федерација ја призна Република Македонија под уставното име на 4 август 1992 година, а дипломатските односи меѓу двете земји на ниво на амбасади беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.

„Ова е добра прилика да се потсетиме на онаа важна одлука пред 15 години - признавањето од страна на Руската Федерација на Република Македонија, пред сѐ на нејзината независност и уставно име. Мислам дека важноста на овој јубилеј како што ќе одминува времето така и ќе станува сѐ посилна. Ова е уште една причина да ги оцениме односите со Руската Федерација како добри и пријателски и сметам дека има уште многу можности да ги продлабочуваме особено на економски план“, изјави министерот Милошоски. 

 

Рускиот Амбасадор Неговата Екселенција Владимир Солоцински нагласи дека меѓу Македонија и Русија се воспостави и се поддржува, на високо ниво, динамичен политички дијалог, континуирано се унапредуваат трговско-економските односи и се шират културните и хуманитарните врски.

 

Министерот Милошоски од името на Владата на Република Македонија на руските граѓани и припадници на оваа заедница во Македонија им го честиташе востоличувањето на новиот Патријарх на Руската Православна Црква Кирил. Тој изрази надеж дека со неговиот избор уште повеќе ќе се зајакнат врските меѓу Македонската и Руската Православна Црква.

 

„Ова е многу важен настан во животот на нашата земја, а тоа ќе има и голема улога во зацврстувањето на односите меѓу нашите држави“, изјави Амбасадорот Солоцински заблагодарувајќи се за честитките.

 

За личен придонес во унапредувањето на руско-македонските односи и за промовирање на руската култура во светот, на академиците Гане Тодоровски и Милан Ѓурчинов на свеченоста им беше доделено државно одликување на Руската Федерација - Медал „Александар Пушкин“.  Указот за нивно одликување во декември лани го потпиша рускиот претседател Дмитриј Медведев.

 

На свеченоста, на која присуствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил и Митрополит Брегалнички г. Иларион,  министерот за одбрана Зоран Коњановски, како и претставници на дипломатскиот кор, беше отворена и изложба за историјата на односите меѓу Македонија и Русија.

 

      

 

Известува: Калина Трпеска