Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Црковен раскол заради скандал околу продажба на земјиште (23.03.2005)

Рамалах (АФП) – Грчката Православна Црква беше втурната во нова криза вчера кога палестинските парламентарци гласаа арапските православни христијани да се отцепат од грчката Ерусалимска Патријаршија откако таа наводно продала земјиште во древниот град на еврејски инвеститори.

 

Последниот пресврт во тековниот скандал, кој предизвика остар раскол во грчката православна заедница во Светата Земја, настана кога Патријархот Иринеј негираше каква и да е вмешаност во наводната продажба на земјиште во ерусалимскиот Стар Град.

„Негирам формално и категорично секаква лична вмешаност или пак вмешаност на Патријаршијата во оваа наводна трансакција, чиишто детали воопшто не ни се познати,“ изјави патријархот во едно соопштение четири дена по избивањето на скандалот.

 

Но на вонредна седница свикана по повод кризата, палестинскиот Парламент донесе одлука со која ги поттикнува палестинските власти повеќе да не ја признаваат власта на Грчката Православна Патријаршија над православната арапска заедница.

 

Со одлуката се повикува палестинскиот врв „да не го признава патријархот“, и „да работи со помош на легални средства врз арабизацијата на Православната Црква“ на окупираните палестински територии.

 

„Ние мораме да ја одвоиме Палестинската Православна Црква од Грчката Православна Црква,“ изјави членот на Парламентот Ханан Ашрави за време на дебатата. „Мора да ја решиме оваа криза со тоа што ќе ја направиме Црквата Арапска Црква.“

 

 

информацијата е преземена од грчкиот дневен весник Катимерини:

http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_100008_23/03/2005_54363